Цементарница УСЈЕ АД додели стипендии за постипломски студии по Менаџмент на Бизнис Администрација

Оваа програма на Цементарница УСЈЕ АД им овозможува на стипендистите да се здобијат со напредно професионално знаење од полето на менаџмент и бизнис-администрација (МБА) на престижниот факултет „Алба” во Атина.


Менче Ивановска и Златко Смугрески се овогодишните добитници на стипендиите за постипломски студии по МБА на факултетот „Алба” во Атина кои ги доделува Цементарница УСЈЕ АД. Со стипендиите, овогодишните добитници добиваат можност да се здобијат со професионално знаење и вештини на овој престижен факултет кој е специјализиран за постипломски студии по менаџмент и бизнис-администрација.


Стипендистите Ивановска и Смугрески велат дека ова е одлична шанса за нив да го продолжат образованието. 

„Да се учи на една толку позната образовна институција, како што е факултетот ’Алба’, е одлична можност за стекнување ново знаење и подобрување на способностите во една висококонкурентна средина. Самиот углед на ’Алба’ е голем предизвик за нас, а стипендијата ќе ни овозможи да продолжиме да инвестираме во нашите способности”, велат овогодишните стипендисти.

Ова е четвртата генерација постипломци кои ќе го продолжат образованието на овој факултет со стипендија доделена од Цементарница УСЈЕ АД. Доделувањето стипендии за дипломирани студенти е една од програмите на Цементарница УСЈЕ АД за поддржување и промовирање на образованието во земјата.