Годишна Конференција на Mакедонската локална мрежа на Глобалниот договор на ОН

Обезбедување на одржлив развој е одговорност на македонските компании. Примената на најновите светски практики за обезбедување на долгорочен одржлив развој на компаниите преку поголема примена на принципите на Глобалниот договор во секојдневното работење на македонските компании. Ова беше главната тема на годишната конференција на Македонската мрежа на глобалниот договор „Во чекор со светските збиднувања", што на 07.11.2012г. се одржа во Скопје.

Во насока на унапредување на практиките од оваа област во македонскиот реален сектор и следење на најновите трендови во оваа област, Мрежата е активна на меѓународен план земајќи учество на конференции како Средбата на европските мрежи на ГД, за што говореше Магдалена Славејкова, Менаџер за човечки ресурси на Цементарница УСЈЕ АД Скопје.

На конференцијата присуствуваа претставници на деловниот сектор, здруженија, претставници на институции и на Националното координативно тело за општествена одговорност. Воведно излагање на конференцијата имаше Весна Џутеска Бишева, Помошник на постојаниот претставник на УНДП во Македонија. Претставничката на Делегацијата на Европската унија, Елизабета Георгиевска говореше за Стратегијата на ЕУ за општествена одговорност на претпријатијата.

Глобалниот договор е најголема доброволна иницијатива за општествена одговорност на компаниите во целиот свет со над 8.700 членки од 130 земји, а произлезе од Обединетите нации. Иницијативата се темели на десетте принципи што ги опфаќа областите: човекови права, неискористување на детски труд, животна средина и борба против корупцијата. Компаниите членки на Глобалниот договор ги прифаќаат овие принципи и ги применуваат во своето секојднево работење, за што редовно известуваат, а на тој начин стануваат движечка сила на глобалниот развој.