УСЈЕ дел од Час на планетата земја

Со исклучување на мелниците за цемент, Цементарница УСЈЕ АД Скопје се приклучи кон глобалната акција „Час на планетата земја“. Мелниците на компанијата останаа еден час без напојување со електрична енергија во периодот од 20:30 до 21:30 часот во сабота на 23. март годинава. Во исто време, поддржувачите на оваа акција во светот го исклучија електричното напојување во своите домови, организации, компании и фабрики.

Цементарница УСЈЕ АД Скопје заштеди 10 MWh електрична енергија со исклучувањето на мелниците за цемент, што е еднакво на потрошувачката на електрична енергија на над 3000 домаќинства во Скопје. Освен исклучувањето на мелниците за цемент, компанијата го исклучи напојувањето со електрична енергија и во останатите погони, каде што тоа го дозволуваат безбедносните мерки за заштита при работа.

„Цементарница УСЈЕ АД Скопје во континуитет се грижи за заштитата на животната средина и искрената определба ја докажуваме со нашите секојдневни заложби и активности. Само така може да се зборува за грижа за животната средина која ќе вроди со резултат. Со приклучувањето на оваа светска иницијатива, сакаме да ги потикнеме и другите повеќе да се ангажираат и да делуваат на овој план,“, истакна Борис Хрисафов, Главен извршен директор на Цементарница УСЈЕ АД Скопје.

Цементарница УСЈЕ АД Скопје е меѓу првите компании кои во целост ја имплементираа Еколошката А дозвола уште пред крајниот рок во 2014 година. Оваа дозвола подразбира работење според највисоките принципи и регулативи за заштита на животната средина. Што е уште поважно, оваа дозвола подразбира и постоење на систем на постојана контрола и унапредување на процесите.

Цементарница УСЈЕ АД Скопје веќе петта година по ред е дел од оваа глобална акција која ја доби поддршката на стотици милиони луѓе, компании и организации во 5.200 различни градови од 135 земји ширум светот, со што прерасна во најголемиот настан за заштита на животната средина. Од декември 2008, УСЈЕ е член на Глобалниот договор на Обединетите Нации. Со потпишување на овој договор, Цементарница УСЈЕ АД Скопје ги прифати десетте принципи на добро корпоративно управување, меѓу кои е и заштитата на животната средина.