Цементарница Усје ја пушти во употреба првата Пречистителна станица за атмосферски води во Македонија

Цементарница Усје АД Скопје, ја пушти во употреба новата Пречистителна станица за атмосферски води, прва од ваков вид во Македонија. Новата Пречистителна станица е инвестиција вредна половина милион евра и е дел од активностите за имплементирање на Оперативниот план за усогласување на А интегрираната еколошка дозвола. Со реализацијата на оваа инвестиција, Цементарница Усје АД Скопје целосно ги исполнува обврските од Оперативниот план за усогласување на А интегрираната еколошка дозвола пред рокот кој истекува во април 2014 година.

И покрај тоа што Цементарница УСЈЕ во својот технолошки процес не користи вода прави континуирани заложби за зачувување на водите како природен ресурс. Пречистителната станица, претставува завршна фаза од проектот кој опфаќа систем за рационално искористување на водите и овозможува целосно раздвојување на канализационите од атмосферските води. Техничката вода која се користи за ладење на опремата се филтрира и рециклира во затворен систем, а водата од градскиот водовод се користи само за санитарни потреби и потоа се спроведува во градската канализација. Атмосферските води од фабриката и водата која се користи за миење на улиците се собираат и дренираат преку посебно изграден систем на канали кои се спроведени до пречистителната станица.

   

Со Пречистителната станица, која претходно беше тестирана во пробен период, се гарантира дека сите излезни води од Цементарница УСЈЕ ги исполнуваат во целост сите еколошки параметри согласно законската регулатива.

„Наша определба отсекогаш била да создадеме услови за производство кои ќе обезбедат развој не само на компанијата, туку и на пошироката заедница. Од влезот на Титан, во модернизација и имплементирање на нови технологии вложивме над 68 милиони евра, од кои 36 милиони евра директни вложувања во унапредување на процесите во функција на заштита на животната средина. Интегрираната еколошка А дозвола освен еколошкиот аспект како основа, во суштина значи и модернизација и инвестиции во одржлив економски развој.“- истакна Борис Хрисафов, Главен извршен директор на Цементарница Усје АД Скопје.

   

За значењето на овие инвестиции за одржливиот економски развој зборуваше заменик претстедателот на Владата на Република Македонија за економски прашања, г. Владимир Пешевски, кој помеѓу другото истакна: „Владата на Република Македонја е заинтересирана за развојот на економјата и бизнисот во државата, но не со ризик за животната средина. Од тој приоритет нема отстапувања. Затоа ги поздравуваме ваквите инвестиции кои обезбедуваат одржлив економски развој, а тое е единствениот правец кој може во иднина да донесе бенифити за сите и граѓаните и бизнисот.“

 

На свеченото отворање на новата Пречистителна станица за атмосферски води присуствуваше и министерот за животна средина и просторно планирање Абдулаќим Адеми, кој притоа рече: „Ова е позитивен пример за планско и посветено имплементирање на Оперативниот план за усогласување на А интегрираната еколошка дозвола. За мене како ресорен министер ова е од исклучителна важност бидејќи покажува дека со вистинска посветеност и партнерски однос со сите надлежни институции овој процес може да се заврши во законскиот рок. Министерството за животна средина и просторно планирање ќе продолжи да дава поддршка во оваа завршна фаза на процесот на сите компании во насока на обезбедување на услови за заштита на животната средина и обезбедување на еднаков развој и на бизнис секторот и на околината. “

Имајќи ја во предвид концентрацијата на деловни активности во Скопје, градоначалникот на главниот град Коце Трајановски истакна: „Подобрувањето на квалитетот на животната средина во Скопје е еден од нашите врвни приоритети. За да го постигнеме тоа потребна е силна соработка помеѓу сите институции на централно и локално ниво од една страна и бизнис секторот, од друга страна. Ваквите примери се јасна потврда дека може да се постигнат највисоките стандарди и тој пример треба да го следат и другите деловни субјекти. “

 

Цементарница Усје АД Скопје е една од првите компании во Македонија која го започна процесот на имплементирање на Оперативниот план за усогласување на А интегрираната еколошка дозвола. Во рамките на овој процес покрај другите мерки воведен е и 24 часовен независен мониторинг на воздухот, чии резултати се јавно достапни кај надлежните институции, но и на интернет страницата на компанијата www.usje.com.mk .

Воведувањето на Интегрираната еколошка А дозвола е обврска од Законот за заштита на животната средина кој е донесен во 2004 година. Крајниот рок за воведување на оваа дозвола е април 2014 година.