Зајакнување на вештините на учениците, поголема едукација и имплементација на нови методи и техники во изучувањето на СТЕМ науките – математика, технологија, инженерство и техника, е главна цел на „Иноваториум – клуб на напредни знаења и вештини“, кој денес беше отворен во Титан УСЈЕ.
„Иноваториумот“ нуди можности за изучување и стекнување нови вештини во повеќе технички области, па согласно потребите, содржините ќе се надоградуваат и ќе се менуваат. Едукацијата ќе ја изведуваат предавачи од Технолошко-металуршкиот факултет од Скопје (ТМФ), кои преку интерактивни содржини ќе ги анимираат младите и нивниот интерес за нови знаења од техничките области.
„Едукацијата на младите не е само обврска на институциите, туку сите ние имаме одговорност и треба да дадеме придонес во тој процес. Поради тоа започнавме со реализација на овој проект, чија цел е на младите да им понуди дополнителна можност за едукација, но и да даде нова вредност во формалното образование. Интересот за негово користење е веќе голем и искрено се надевам дека ќе овозможиме позитивен ефект во образованието. Ние ќе продолжиме да соработуваме со сите институции и партнери и да развиваме проекти кои се во интерес на заедницата, бидејќи сметаме дека приватно – јавното партнерство е одличен модел за напредок“, истакна Константинос Николаоу, главен извршен директор на Титан УСЈЕ.
На свеченото отворање присуствуваше и министерката за образование и наука д-р Весна Јаневска која истакна: „Иновативните иницијативи, посебно оние што се насочени кон образованието, имаат најширок одраз врз заедницата. Секое ново вложување на компаниите во образованието и во знаењата и вештините на младите дава повеќеслојни придобивки: покажува дека бизнисмените се свесни за потребата да се оддолжат на средината во која работат и заработуваат, се создаваат подобро обучени кадри кои во иднина поуспешно ќе се вклучат на пазарот на труд и се влијае на намалување на сиромаштијата“, рече Јаневска.
На настанот беа присутни и директорите на основите училишта од општина Кисела Вода кои ќе можат да ги користат капацитетите на „Иноваториумот“. Сите научни помагала ќе им бидат ставени на располагање на наставниците по математика, физика и хемија од општинските училишта и за потребите на редовната настава.
Во Титан Усје, СЕ ГРИЖИМЕ за поттикнување на знаењето и вештините кои ги подготвуваат младите генерации за иднината. Иноваториум клубот не е само иницијатива, туку наша посветеност кон заедницата, кон младите и кон иднината.
Во Титан Усје, ИМАМЕ СМЕЛОСТ да ги прифатиме предизвиците во време на брз технолошки напредок, каде што дигитализацијата и вештачката интелигенција го менуваат начинот на кој живееме и работиме. За да напредуваат во оваа нова ера, младите не само што треба да учат, туку и да создаваат, експериментираат и иновираат.




