Се наѕираат првите скулптури од соработката со Факултетот за ликовни уметности

14.3.2016

Студентите од групата Вајарство на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) активно работат на скулптурите од заедничкиот проект со Цементарница УСЈЕ. Младите скулптори од II и од IV студиска година, под раководство на професите Исмет Раиќевиќ и Гоце Наневски се во фаза на завршно моделирање на првите скулптури, по што следува калапирање на моделите во гипсени калапи. Последната и најкомплексна фаза од техничкиот дел на изработката е леењето на скулптурите во бетон.

Според планот, делата треба да бидат готови до редовната завршна изложба на ФЛУ, која се одржува во мај. Потоа тие ќе бидат донирани и поставени во јавни урбани простори, кои дополнително ќе бидат определени.

Студентите низ целиот процес стекнуваат драгоцено искуство во работењето со комлексен материјал каков што е цементот, поради тоа што тој, покрај уметничкиот, вклучува и специфичен аспект на конструктивна статика, особено кога станува збор за скулптури од среден и голем формат. Професорите од студиската програма Вајарство ги истакнуваат бенефитите од соработката со УСЈЕ, преку која на студентите им се обезбедува доволно материјал и алатки за слободен уметнички израз.

Токму создавањето можности за слободна креативна работа на младите уметници од групата Вајарство при ФЛУ беше главната цел на проектот инициран од страна на Цементарница УСЈЕ во ноември 2015 година, во рамки на обележувањето на значајниот 60-годишен јубилеј на компанијата. Во рамките на соработката, УСЈЕ на факултетот му го донира сиот потребен материјал од своето портфолио на производи за изработка на скулптури, а дополнително обезбеди машини и алатки, неопходни за редовната работа на студиската група Вајарство.

Исто така, Цементарница УСЈЕ со задоволство ги отвори вратите на компанијата за студиски посети на професорите и студентите од ФЛУ, на кои уметниците ќе имаат можност темелно да се запознаат со процесот на производство и со спецификите на материјалите кои имаат широка примена во вајарската уметност и кои ќе го користат не само во текот на студирањето, туку и во понатамошниот творечки развој.