Проектот „Подобрување на здравјето и на безбедноста на работното место – чекор по чекор” во компаниите на ТИТАН во Југоисточна Европа има за цел да ги подобри здравјето и безбедноста на работното место заради постигнување статус „нула несреќи”. „DuPond safty risorses” (DSR), светски лидер во индустриска безбедност, ќе го реализира овој проект за Цементраница УСЈЕ АД, а проектот ќе чини 300.000 евра.
12.11.2008 - Скопје. Значително подобрување на здравјето и на безбедноста на работното место и отстранување на сите опасности за безбедноста се главните цели на проектот „Подобрување на здравјето и на безбедноста на работното место – чекор по чекор” во компаниите на ТИТАН во Југоисточна Европа, проект кој започна да се спроведува во Цементарница УСЈЕ АД. Станува збор за воведување нови методи, практики и стандарди во сите операции, како и безбедносна култура „нула несреќи” која ќе ја гарантира безбедноста во сите фази на производствените процеси.
Реализацијата на овој проект веќе започна, а во него ќе влезат сите вработени и кооперанти на УСЈЕ. Преку поединечни прашалници, вработените веќе го изразија нивното мислење за здравјето и безбедноста на работното место, а ќе ги потенцираат најкритичните точки кои ги откриле за време на работењето.
„Проектот Здравјето и безбедноста на работното место ни е најголем приоритет. Сакаме сите наши вработени и кооперанти, без разлика на функцијата што ја извршуваат, да поминуваат безбедни и сигурни работни денови во Цеметарницата УСЈЕ АД додека не се пензионираат. Во тој поглед, ТИТАН инвестира стотици илјади евра секоја година за да ги подобри здравјето и безбедноста на работното место преку различни проекти. Овој проект, кој вреди 300.000 евра, само ја докажува нашата искрена решеност да го подигнеме нивото на здравје и безбедност на работното место на светско ниво. Проектот зависи од сите нас и нема да може да се реализира ако во него не се вклучат сите вработени и кооперанти на компанијата. Здравјето и безбедноста на сите луѓе ни се најважни”, изјави Антони Николопулос, директор на Цементарница УСЈЕ АД.
Проектот ќе го спроведе „Дипонт сејфти рисорсес” (ДСР), светски лидер во полето на здравје и безбедност на работното место кој зад себе има долгогодишно искуство во реализирање вакви проекти. Спроведувањето на проектот е стигнато до фазата во која консултантите на „Дипонт сејфти рисорсес” ја проценуваат моментната ситуација во фабриката во однос на здравјето и на безбедноста. Ова ќе биде појдовната точка врз која ќе ги базираат идните препораки. Потоа ќе се изработи план на активности врз основа на препораките кои ќе се однесуваат на слабостите откриени во однос на здравјето и на безбедноста.
Цементарница УСЈЕ АД постојано спроведува низа активности за подобрување на здравјето и на безбедноста на работното место. Проектот за „Подобрување на здравјето и на безбедноста на работното место – чекор по чекор” во компаниите на ТИТАН во Југоисточна Европа ќе се спроведе на ниво на целата групација ТИТАН, а Цементарница УСЈЕ АД е првата од компаниите на ТИТАН во Југоисточна Европа во која ќе започне реализацијата на овој проект.