Во општината Кисела Вода во близина на населбата Припор, никнува нова шума. Вработените на Цементарница Усје АД Скопје, жителите на населбата Припор и претставници на општината Кисела Вода во заедничка акција засадија 5500 садници. Садниците ги обезбеди УСЈЕ, а сите 5500 дрвца ќе имаат и соодветен систем за наводнување, со што ќе се овозможат соодветни услови за растење на садниците. Во оваа акција се засадени 3000 чемпреси, 2000 багреми, 250 тополи во висина од 5 метри и 250 јавори во висина од 3,5 метри. Засадените садници во вегетативен период ќе имаат капацитет за апсорпција на 900 кг јагленрод диоксид и да произведат 600 kg кислород по хектар дневно.
„Унапредувањето на заедницата и грижата за животната средина се врвен приоритет на УСЈЕ. Сите акции во оваа насока ги организираме во партнерство со нашите соседи, жителите на општината Кисела Вода, бидејќи грижата за околината е наша заедничка одговорност и мисија. Продолжуваме да реализираме низа активности во оваа насока и во следниот период“, истакна Борис Хрисафов, главен извршниот директор на УСЈЕ.
УСЈЕ редовно има акции за пошумување и хортикултурно уредување во општината Кисела Вода. Секоја година на иницијатива на компанијата, во рамките на проектот Партнерство со училиштата, се реализираат хортикултури проекти за садење на нови садници, цвеќе и комплетно уредување на зелениот појас во образовните институции и јавните простори за релаксација и забава. Само во изминатите 5 години има засадено повеќе од 90 000 дрвца во кругот на компанијата и нејзината околина.
УСЈЕ редовно учествува во националните акции како „Ден на дрвото“, „Македонија земја на розите“ и други, но и самостојно организира активности за вработените и соседството за пошумување во околината на компанијата.