УСЈЕ по деветти пат дел од глобалната акција „Часот на планетата земја“

25.3.2017

УСЈЕ еден час ги исклучи мелниците за цемент и електричното напојување во фабриката со што заштеди 10 MWh електрична енергија или приближно колку едночасовна потрошувачка на околу 20.000 семјества

Традиционално, по деветти пат, Цементарница УСЈЕ и годинава беше дел од глобалната акција „Часот на планетата земја“. Годинешното мото на акцијата беше „Заблескај светлина на климатските промени – вклучи се во акцијата, исклучи ги светилките“, а годинава се приклучија 7000 градови од 130 земји од светот.

УСЈЕ се приклучи кон акцијата со симболично исклучување на мелниците за цемент и електричното напојување на сите невитални објекти во кругот на фабриката во периодот од 20:30 до 21:30 часот на 25. март 2017 година.

Со ова УСЈЕ овозможи заштеда од над 10 MWh електрична енергија, што е приближно колку вкупната едночасовна потрошувачка на околу 20.000 домаќинства. Со остварената заштеда на електрична енергија, Цементарница УСЈЕ придонесува во намалувањето на вкупните емисии на т.н. стакленички гасови во атмосферата, кои се посочуваат како еден од главните причинители на глобалното затоплување и климатските промени.

Покрај тоа, УСЈЕ ги вклучи и своите вработени во акцијата „Часот на планетата земја“, повикувајќи ги активно да се вклучат кон оваа иницијатива и на лично ниво во своите домови. За да се зајакне акцијата, компанијата на своите вработени им подели едукативни материјали каде директно се посочуваат ефектите од енергетската ефикасност и заштедите на енергија во насока на зачувување на животната средина. Едукативниот материјал е изработен од Министерството за животна средина и просторно планирање со поддршка на Европската Унија и УНДП.

Секој поединец, компанија или организација има обврска да делува одговорно и во склад со природата. Само така можеме да зборуваме за одржлив развој. УСЈЕ во секој сегмент од своето работење ги применува овие стандарди и постојано ги унапредува. Горди сме што нашиот пример го следат многу други компании и институции, и спремни сме да ги споделиме нашите искуства во корист на заедницата“, истакна Борис Хрисафов, Главен извршен директор на Цементарница УСЈЕ.

Од декември 2008, Цементарница УСЈЕ е член на „Глобалниот договор на Обединетите нации. Со потпишување на овој договор, компанијата се обврза дека ќе ги почитува десетте клучни принципи за добро корпоративно управување, меѓу кои е и заштитата на животната средина. Во 2014 година Цементарница УСЈЕ целосно ги исполни сите обврски предвидени со А – Еколошката дозвола, а дополнително продолжи и со реализацијата на бројни општествено одговорни иницијативи во областа на животната средина. Токму за вложувањата во реализација на еден ваков проект со кој се обезбеди трајно намалување на емисиите на азотни оксиди (NOx) во воздухот под законски утврдените граници, УСЈЕ минатата година ја доби и наградата за општествено одговорно делување во категоријата „Заштита на животната средина”.