Цементарница УСЈЕ АД Скопје го издаде својот трет Извештај за корпоративна општествена одговорност и одржлив развој за 2011 г.

20.12.2012

Развојот на компанијата мора да го потикнува и развојот на заедницата


За да обезбедат долгорочен развој и одржливост на својот бизнис, компаниите прават заложби да дадат придонес кон развојот на заедницата. Ваквиот пристап е основен предуслов за успехот на секоја компанија. Водени од тоа, Цементарница УСЈЕ АД Скопје го презентираше Извештајот за корпоративна општествена одговорност и одржлив развој за 2011 г. и организираше тркалезни маси на кои се дискутираше за ефектите од преземените активности во заедницата.

Во дискусијата за Извештајот за корпоративна општествена одговорност и одржлив развој учествуваа претставници на компаниите, институциите и членовите на заедницата со кои соработува компанијата. „Вклучување и развој на заедницата – одговорно бизнис делување“, „Одржливо производство и животна средина“ и „Општествена одговорност – потрошувачи и купувачи“, беа трите тематски целини на кои се водеа дискусиите помеѓу присутните.

„Нашата компанија има искрена и јасна определба да го потикнува развојот на заедницата заедно со развојот и просперитетот на УСЈЕ. Низ нашите активности досека покажавме дека имаме искрен и посветен пристап. Наша следна цел е зајакнување и интензивирање на нашите активности, а очекуваме од денешните дискусии да добиеме предлози и мислења во насока на унапредување на проектите. Исто така сакаме и да ги поттикнеме нашите партнери да се ангажираат во примена на принципте на општествената одговорност во своето работење“, изјави Борис Хрисафов, Главен извршен директор на Цементарница УСЈЕ АД Скопје.

На тркалезните маси присутните ги искажаа своите ставови и мислења во однос на досега преземените активности и разменија искуства за активностите на овој план.

Цементарница УСЈЕ АД Скопје секоја година работи на подобрување на своите активности на полето на општествената одговорност. Активностите на компанијата се групирани во неколку области како: заштита на животната средина, развој на заедницата, безбедност и здравје на вработените и вклучување на засегнатите страни. Компанијата ја доби и овогодинешната Национална награда за општествена одговорност во категоријата - Односни со вработени, што ја доделува Координативното тело за општествена одговорност на претпријатијата.

Цементарница УСЈЕ АД Скопје е членка на Глобалниот договор при Обединетите нации, а компанијата е и иницијатор за заживување на Македонската мрежа на Глобалнот договор.