Цементарница УСЈЕ ги отстапи правата на користење на спортското фудбалско игралиште

24.7.2010

За да поттикне натамошни спортски активности во Општината Кисела Вода, Цементарница УСЈЕ АД Скопје донесе одлука за отстапување на правата на користење на спортското фудбалско игралиште на Општината Кисела Вода заедно со придружните објекти во состав на игралиштето.

„Како лојален и докажан партнер на локалната заедница, Цементарница УСЈЕ АД Скопје и досега ги поддржуваше сите спортски активности во насока на збогатување на спортскиот и рекреативниот живот. Нашата одлука за отстапување на спортското фудбалско игралиште е токму во оваа насока. Ние и досега дававме поддршка за развојот на спортот на локално ниво, помагајќи го функционирањето на фудбалскиот клуб. Сепак, сметаме дека Општината има многу повеќе искуство и ресурси за понатамошно дополнително развивање на спортот, затоа како одговор на нивното барање, им ги отстапуваме сите наши права и објекти. Остануваме активен партнер на овој план“, вели Антониос Николопулос, Главен извршен директор на Цементарница УСЈЕ АД Скопје.

Развојот на спортовите на локално ниво, во програмата на Општината Кисела Вода е еден од приоритетите. Општината планира низа активности на овој план во насока на анимирање на што повеќе млади во спортските активности.

„Ја поздравуваме одлуката за донација на Цементарница УСЈЕ АД Скопје, но, во конкретниот случај станува збор за спортски терен кој е во сопственост на Република Македонија, а Цементарница УСЈЕ го има правото на користење. Согласно законската регулатива, правото на користење може да се врати на Република Македонија, додека Општината Кисела Вода како правен субјект ќе се обрати до ресорното министерство да го превземе користењето на овој спортски терен. Истиот, ќе се користи за развој, омасовување и афирмација на спортот што е едно од темелните определби на Општина Кисела Вода. Инаку, правилното насочување на младите е приоритет за секоја локална заедница.“, вели Марјан Ѓорчев, Градоначалникот на Кисела Вода.