Цементарница УСЈЕ донираше амбулантно возило за детската болница „Козле“

14.4.2022

Следејќи ја својата долгорочна стратегија за одржлив развој и општествено одговорно делување, Цементарница УСЈЕ реализираше нова донација во здравството. Овојпат, за потребите на јавната здравстена установа – Институт за белодробни заболувања кај децата - КОЗЛЕ во Скопје, УСЈЕ донираше амбулантно возило.

„Се уште актуелната пандемија дополнително ја истакна важноста на здравствениот сектор и на неговата подготвеност да им понуди навремена и квалитетна здравствена услуга и заштита на граѓаните. Стремејќи се да придонесеме во развојот на целото општество, ние со задоволство помагаме онаму каде што е најпотребно, а меѓу тие области секако е и здравството. Веруваме дека со оваа најнова донација ќе помогнеме најмладите пациенти да добијат навремена здравстена услуга во оваа многу значајна болница во нашиот здравствен систем“, истакна Гоце Цветкоски, Технички директор на Цементарница УСЈЕ.

Ова не е прва донација на УСЈЕ за болницата КОЗЛЕ. Претходно, со средства од вработените и компанијата, беше набавен и апарат за спирометрија, кој од страна на болницата беше посочен како приоритетен за ефикасноста на одделот за рана дијагностика на респираторните заболувања кај децата.

„Од името на нашите пациенти и целокупниот персонал на болницата сакам да упатам голема благодарност до Цементарница УСЈЕ за нивната континуирана грижа и поддршка. Најновата донација не е прва, а уверен сум дека нема да биде ниту последна која УСЈЕ ја обезбедува за нашата болница. Оваа компанија уште еднаш покажа дека има вистински сенс за потребите на здравството и се издвојува како пример и за останатите чинители во општеството за тоа како треба да се размислува и делува за доброто на целата заедница“, изјави д-р Бесник Зеќири, медицински директор на Институтот за белодробни заболувања кај децата – КОЗЛЕ.

Најновата донација на УСЈЕ за болницата КОЗЛЕ е само сегмент од вкупната, континуирана поддршка што ја обезбедува компанијата за натамошно унапредување на условите во системот на јавно здравство во земјата, како и за подигнување на квалитетот на здравствени услуги за пациентите. Па така, во екот на здравствената криза предизвикана од Ковид-19, УСЈЕ донираше медицинска опрема и апарати во повеќе јавни здравствени установи во земјава, во вредност од над 100.000 евра.