Цементарница УСЈЕ се вклучува во Европската недела на мобилност

22.9.2014

Цементарница УСЈЕ АД Скопје се вклучи во „Европската недела на мобилност“, која се одржува од 16-22 септември. Во рамките на оваа акција, чиј национален координатор е Министерството за животна средина и просторно планирање, се промовира одржлив начин на мобилност во урбаните средини. Целта е преку различни активности да се подобри здравјето на луѓето и да се заштити животната средина, преку намалено користење на автомобилите.

Во рамките на оваа активност на 22. септември во Скопје ќе се одржи Велосипедска парада, која се организира на Денот без автомобили, во рамките на „Европската недела на мобилноста“. За овој настан УСЈЕ донираше пет велосипеди, а дополнително вработените од компанијата и лично ќе учествуваат на Велосипедката парада. Вработените пак, кои на 22. септември имаат неодложни работни обврски во компанијата, ќе дојдат на своите места без автомобил.

„Заштитата и унапредувањето на животната средина е дел од нашите компаниски цели и во насока на нивна реализација, УСЈЕ постојано презема активности што даваат конкретен резултат. Паралелно со тоа, ние ги поддржуваме и се вклучуваме во сите акции чија цел е подобрување на животната средина и здравјето на луѓето. За да ја подобриме животната средина и нашите навики потребна е заедничка акција и затоа со задоволство сме дел од „Европската недела на мобилност“, изјави Борис Хрисафов, Главен извршен директор на УСЈЕ.

„Европската недела на мобилност“ се одржува традиционално со различни активности во повеќе градови. Идејата на Велосипедската парада што се одржа на 22. септември 2014 година под мотото „Наместо автомобилот можеме да го „вклучиме“ разумот“ е да се подигне свеста кај граѓаните дека не мора да се откажеме од своите автомобили, но да не ги употребуваме секогаш кога тоа не е неопходно.

Покрај Министерството за животна средина и просторно планирање, партнер на „Европската недела на мобилност“ е и Европската делегација во Република Македонија, ЕУ Инфо центарот и Градот Скопје.

Од декември 2008 г., Цементарница УСЈЕ е локален член на Глобал Компакт договорот на Обединетите Нации. Со потпишување на овој договор, Цементарница УСЈЕ ги прифати десетте принципи на добро корпоративно управување, меѓу кои е и заштитата на животната средина. Традиционално, компанијата се вклучува во сите глобални и национални активности за подобрување и унапредување на животната средина.