Скопје, 22.06.2022 - Општинското основно училиште „Блаже Конески“ доби комплетно нова изолациска фасада со поддршка од Цементарница УСЈЕ. Компанијата донираше материјали и услуги за изградба на енергетски ефикасната фасада на ова училиште во Општина Аеродром во вкупна вредност од 4,5 милиони денари. Во новата учебна година децата и наставниот кадар ќе го минуваат времето за образование и игра во подобрени и побезбедни услови, а општината ќе има помали трошоци за загревање и ладење на просториите во училиштето.
„Среќни сме секогаш кога можеме да помогнеме во подобрувањето на условите на објектите каде што престојуваат децата, но и во ширењето на мисијата за грижа за средината во која живееме и работиме. И со ваквите зафати, Цементарница УСЈЕ ги исполнува своите цели за декарбонизација и за намалување на влијанието што го имаат климатските промени врз животната средина“, рече во оваа пригода Главниот извршен директор на УСЈЕ Борис Хрисафов.
Оваа донација е дел од долгорочната програма на Цементарница УСЈЕ - „Проект за партнерство со училиштата“, кој веќе 14 години се спроведува во соработка со локалните заедници и со институциите на локално ниво. Во рамки на Проектот компанијата досега има донирано над 700.000 евра во зголемување на енергетската ефикасност на училиштата и градинките, хортикултурно и партерно уредување на нивните дворови и подобрување на безбедноста на децата и наставниот кадар во предучилишното и училишното образование.