Образованието е движечка сила во општеството која создава промени, овозможува усовршување и напредок. Образованието е еден од главните приоритети на корпоративната општествена политика на Цементарница УСЈЕ АД Скопје како дел од нашите заложби за создавање дополнителна вредност за сите, а најмногу за најмладите.
Затоа, ние во УСЈЕ сакаме да им помогнеме на младите луѓе во пронаоѓање на своите интереси, таленти и афинитети преку директно презентирање на професиите, занимањата, работните места, функциите и одговорностите во нашата Компанија. Така, во рамки на проектот Партнери на училиштата, УСЈЕ за учениците од завршните години во основните училишта од Кисела Вода организира посети и обиколка на Компанијата и директно запознавање со вработените и менаџментот и нивното работно место, работна средина, однесување, обврски и секојдневни задачи.
Овој месец, околу 60 ученици во осмо одделение од основните училишта во Кисела Вода како и едно училиште од соседната општина Аеродром имаа можност да го посетат Секторот за финансии и Секторот за квалитет (лабораторија) и да се запознаат директно со вработените, менаџерите и активностите и задачите во овие сектори.



