Признание за општествена одговорност од Општина Кисела Вода

05.7.2010

По повод 55 годишнината од формирањето на Општината Кисела Вода

Цементарница Усје АД Скопје со признание за општественa одговорност

Признанието е резултат на долгогодишниот придонес и развој на Општината во сегментите на образованието, животната средина, здравјето и бебедноста при работа

Цементарница Усје АД Скопје е добитник на специјално признание за општествена одговорност. Признанието го додели Советот на Општината Кисела Вода, како резултат на долгогодишниот придонес и развој на Општината, во повеќе области. Повеќе од една деценија, Цементарница Усје АД Скопје заедно со Општината Кисела Вода реализира проекти во сегментите на образованието, животната средина, како и здравјето и безбедноста при работа.

Цементарница Усје АД Скопје ова признание го доби на свечената академија, организирана по повод 55 годишнината од формирањето на Општината Кисела Вода. Во рамките на одбележувањето на општинскиот јубилеј, беа доделени признанијата за посебен придонес во растот и развојот на Општина Кисела Вода.

„Една општина и локалната власт во неа може да каже дека е успешна само доколку пулсира со граѓаните, компаниите и институциите и нивните потреби. Општината Кисела Вода, прерасна во една модерна локална заедница, благодарение на соработката и заедничките напори на сите нејзини членови. Тоа што го постигнавме денеска немаше да биде можно доколку несебично во тој процес на унапредување не се приклучеа посветени ентузијасти и поединечно но и одговорни компании како што е Цементанрица Усје АД Скопје. Оваа компанија чувствувајќи се како дел од Општината Кисела Вода со својот придонес овозможи унапредување на неколку клучни сегменти во Општината. Оттука јас како градоначалник, сакам да потенцирам дека нашата соработка ќе продолжи и понатаму во насока на остварување на заедничкиот интерес и општ напредок“, истакна градоначалникот Марјан Ѓорчев.

На чинот на примопредавањето на признанието Главниот извршен директор на  Цементарница Усје АД Скопје, Антони Николопулос истакна:

„Денес сме многу задоволни и среќни кога гледаме дека нашите напори се признати и наградени од нашата локална заедница, бидејќи заеднички со Кисела Вода славиме 55 години заедничко опстојување, работење и меѓусебна поддршка. Цементарница Усје АД Скопје се обврзува да продолжи да ги вложува своите ресурси во имплементирање на корпоративната општествена одговорност, особено во областите на образованието, животната средина, здравјето и бебедноста при работа, и се радуваме на следните 55 години заеднички живот и развој“

Цементарница УСЈЕ АД Скопје во соработка со Општината соработува на неколку клучни проекти во рамките на подобрување на животната средина. Традиционално компанијата работи на хортикултурно уредување на дворовите на градинките и училиштата во Општината Кисела Вода. Само минатата година, во осум основни училишта на територијата на општината беа засадени неколку стотици садници. Цементарница УСЈЕ АД Скопје донираше садници за градинката „Весели Цветови“, а  уреди и неколку паркови во Општината Кисела Вода. 

На планот на едукацијата, Цементарница УСЈЕ АД Скопје и Општината Кисела Вода секоја година традиционално организираат и едукација за граѓаните на Општината, а со нивна поддршка се реализира летниот камп за децата со оштетен слух, каде што се реализираат дополнителни едукативни и спортски активности.

Активностите и соработката на овој план продолжуваат и во следниот период.