Донација на Цементарница УСЈЕ донесе подобри услови за учениците од ООУ Кирил Пејчиновиќ

04.3.2015

Градоначалникот на општина Кисела Вода Билјана Беличанец-Алексиќ, денес, заедно со Главниот извршен директор на Цементарница УСЈЕ АД Скопје, Борис Хрисафов, изврши обиколка на ООУ “Кирил Пејчиновиќ” коe неодамна беше реновиранo. Имено, согласно потпишаниот Договор за донација меѓу општината и оваа компанија, како дел од програмата на Секторот за локален економски развој на општина Кисела Вода, во овој објект, беше извршена замена на старите и дотраени прозорци со нови, а потоа им се направи и опшивка со окапници. Дополнително, беа исчистени и сите 230 радијатори, на кои им беа заменети и вентилите, а потоа беше извршено и варосување и менување на врати во училниците.

Целокупната инвестиција е во вредност околу 22 000 евра, комплетна донација од Цементарница УСЈЕ, како дел од нивната програма за општествена одговорност. Во знак на благодарност за активното вклучување во развојот и унапредувањето на образовниот процес во општина Кисела Вода, градоначалникот Беличанец-Алексиќ му додели благодарница наГлавниот извршен директор оваа компанија Борис Хрисафов.

-Добрите практики на одговорно делување, кои Цементарница УСЈЕ ги покажува преку конкретни проекти, каков што е овој,во ООУ “Кирил Пејчиновиќ”, се значајна поддршка на општината во спроведувањето на мерките за подобрување на условите за живот и работa на сите наши жители. Преку обновата на објектот, се постигна не само подобрување на ликот на училиштето, туку и поголема примена на мерките за енергетската ефикасност, што е една од стратешките насоки на движење на оваа локална самоуправа. Значајно е компаниите да ја препознаат својата улога и можност за влијание во развојот на општеството. Токму затоа и благодариме на Цементарница УСЈЕ и се надеваме дека дека ќе продолжи со континуираната политика на одговорно корпоративно општествено работење, истакна градоначалникот Беличанец-Алексиќ, при доделување на благодарницата.

Главниот извршен директор на Цементарица УСЈЕ потенцираше дека добрата соработка што ја има со општина Кисела Вода преку реализација на различни проекти ќе продолжи и во наредниот период.

- Еден од приоритетите на Цементарница УСЈЕ е учеството и реализацијата на активности од општ интерес. „Партнерство со училиштата“ е проект чија цел е зголемување на безбедноста и здравјето на децата во градинките и училиштата во општината Кисела Вода, на кој ние, како компанија сме посветени веќе шест години. Една од последните активности во рамките на проектот е и замената на 40 дотраени прозорци со нови енергетски ефикасни во ОУ „Кирил Пејчиновиќ“. Со оваа донација од околу 1,5 милион денари и волонтерскиот труд на вработените од Цементарница УСЈЕ значително се подобрени условите во училиштето, а енергетската ефикасност е подигната на високо ниво. Продолжуваме да работиме на реализација на вакви проекти во партнерство со општината, а во насока на подобрување на условите за престој на децата од предучилишна и училишна возраст во нашето соседство, истакна Борис Хрисафов, Главен извршен директор на Цементарница УСЈЕ АД Скопје.