Конференција на Македонската мрежа на Глобален договор - Иницијатива за зајакнување

06.10.2011

Интензивирањето на развојот на општествената одговорност во сите сегменти на општественото живеење, со почитување на принципите на Глобалниот договор на Обединетите нации (ОН), е еден од врвните приоритети на нашата компанија. За таа цел Цементарница УСЈЕ заедно со здружението Конект покренаа иницијатива за зајакнување на Македонската мрежа на Глобалниот Договор и на ден 05.10.2011 година организираа Конференција за реафирмирање Мрежата.

„Општествената одговорност е сложена проблематика која бара постојано надоградување и следење на потребите на заедницата. Оттука отворениот дијалог и резимирање на досега направеното и компарација со состојбите во регионот е неопходно за успешно продлабочување на соработката и давање на нова вредност.“, изјави Горан Лазаревски национален претставник на Македонската мрежа на Глобалниот договор.

Македонските компании членки на Глобалниот договор на ОН и на Македонската мрежа на Глобален договор преку своите активности дадоа поддршка на низа проекти кои беа клучни за развојот на одредени сегмени во општеството. Преку едукација, поддршка и соработка, македонските компании во соработка со институциите и невладиниот сектор на локално и централно ниво реализираа низа проекти од клучно значење за поедини општетвени групи но и за општеството во целина.

„Цементарница Усје А.Д. Скопје како членка на Глобалниот договор преку своите секојдневни активности на различни полиња ја потврдува својата определба да биде конструктивен партнер на локалната заедница и пошироко и активно да учествува во развојот. Наша понатамошна определба е да ја продлабочиме оваа соработка и постојано да ги евалуираме нашите активности со цел истите да ги подобрим.Се надеваме дека нашата иницијатива ќе ја следат и другите компании и ќе се приклучат на Македонската мрежа за Глобален договор. “, изјави Борис Хрисафов, главен извршен директор на Цементарница Усје АД Скопје, компанија која ја поддржа оваа конференција.

На конференцијата присуствуваа претставници на деловниот сектор, здруженија, претставници на Министерството за економија и претставници на Националното координативно тело за општествена одговорност. Поддршка за продлабочување на соработката на овој план даде и Алесандро Фракасети, заменик на постојан претставник на УНДП, осврнувајќи се на гледиштето на Обединетите нации.

„Очекуваме дека по денешната конференција во мрежата ќе се зачленат и многу други македонски компании кои се посветени на општествено одговорно делување“, изјави Никица Кусиникова, извршна директорка на здружението Конект каде е сместен Секретаријатот на Македонската мрежа на Глобалниот договор.

Глобалниот договор е најголема доброволна иницијатива за општествена одговорност на компаниите во целиот свет, а произлезе од Обединетите нации. Овој договор се темели на десетте принципи што ги опфаќа областите: човекови права, неискористување на детски труд, животна средина и борба против корупцијата. Компаниите членки на Глобалниот договор ги прифаќаат овие принципи и ги применуваат во своето секојднево работење и на тој начин стануваат движечка сила на глобалниот развој, преку конкретниот придонес за развој на локалната заедница во која делуваат.

На денешната конференција беше презентиран и Планот за понатамошни активности на Македонската Мрежа на Глобален Договор.

Глобалниот договор на ОН беше активниран во Македонија во 2004 година од страна на УНДП. Денес Македонската мрежа на Глобалниот договор брои 43 компании, невладини организации и други членови. За понатамошен развој на оваа проблематика во Македонија беше воспоставено и Национално координативно тело за општествена одговорност, кое со поддржка на УНДП ја разви националната агенда за општествена одговорност на компаниите за Република Македонија 2008-2012, што ја усвои Владата на Р. Македонија. Националното координативно тело за општествена одговорност ја воспостави и годишната Национална награда за најдобри општествено одговорни практики. Глобалниот договор на светско ниво е најголема доброволна иницијатива за општествена одговорност со над 8700 членки од 130 земји во светот.