Национална награда и признанија за проекти од општествена одговорност

27.10.2011

Скопје, 26. октомври 2011 – Цементарница Усје АД Скопје ја освои националната награда во категоријата - Животна средина, за големи компании, со проектот „Биодиверзитет на вештачките езера во Цементарница Усје“, на свеченото доделување на Националните награди за претпријатијата за најдобри општествено одговорни практики за 2010 година, што ги доделува Министерството за економија и Координативното тело за општествена одговорност.

Со овој проект ние се посветивме на заштитата на водните тела кои не се препознаени како загрозени, но за нас се исклучително значајни за биодиверзитетот во потесното подрачје на фабриката. Студијата која се спроведе го дефинираше квалитетот на водите и постоечките видови флора и фауна во езерата со цел да се спроведат мерки за долгорочна заштита. Истражувањата покажаа дека нема загрозени видови, а активностите на УСЈЕ не влијаат на постојната флора и фауна. Езерцата се порибени со видови риби кои се хранат со вишокот на фитопланктон со што се постигнува рамнотежа на еко системот. Денес тие имаат карактеристики на вештачки езера, а со порибувањето беше започнато пред повеќе години од страна на спортските риболовци, вработени во УСЈЕ.

Исто така, УСЈЕ доби и три плакети и тоа за проектот „Партнерство со училиштата“ во категоријата Вложување во заедницата, за пректот „Безбедност и здравје на нашите вработени“ во категоријата - Однос со вработените и за проектот „Корпоративно управување“, во категоријата Етичко управување.