Нова дигитална иницијатива на Титан Усје - „Иноваториум – клуб за напредни знаења и вештини“ за млади

14.11.2024

„Иноваториум – клуб на напредни знаења и вештини“ е нашата нова дигитална иницијатива која што ја започнуваме во Титан Усје, а наменета за учениците од основите училишта кои сакаат да стекнат нови вештини и знаења од областа на СТЕМ науките (математика, технологија, инженерство и техника).

Иноваториум клубот ќе им обезбеди на најмладите можност да ги подобрат своите знаења и вештини преку интерактивно учење и забавни активности. За реализација на овој проект, Титан Усје потпиша Меморандум за соработка со Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ Скопје, кои ќе дадат свој придонес со ангажирање на предавачи за едукативноте потреби на „Иноваториум“.  

Меморандумот за соработка го потпишаа главниот извршен директор на ТИТАН УСЈЕ Константинос Николау и деканот на Технолошко–Металуршкиот факултет, Стефан Кувенџиев.

„Во ера на дигитализација и вештачка интелигенција, од голема важност е соодветна едукација од областа на СТЕМ науките. Иако учениците добиваат соодветна едукација и во училиште, ние заедно со нашите партнери сакавме да создадеме едукативна платформа која ќе овозможува унапредување на овие знаења, преку забава игра и интеракција. Се надеваме дека на тој начин ќе поттикнеме поголем интерес кај младите, но и дека ќе придонесеме за поголем економски развој заснован на знаења и вештини. УСЈЕ како дел од Титан групацијата има искуство во вакви активности и сакаме истите да ги споделиме и со заедницата. Верувам дека ова ќе биде уште една успешна приказна“, истакна Николаоу.

„Иноваториум – клуб на напредни знаења и вештини“ ќе биде лоциран во кругот на ТИТАН УСЈЕ. На почетокот со активностите планирано е да бидат опфатени учениците од основните училишта од општината Кисела Вода, а во иднина во работата на „Иноваториумот“ ќе се вклучат и учениците од соседните општини. Покрај тоа, дел од капацитетите на „Иноваториумот“ и научните помагала ќе бидат ставени на располагање на сите наставници по математика, физика и хемија од општинските училишта, со што ќе можат да го користат и во текот на редовната настава.