Прв Партнерски Форум во организација на Цементарница УСЈЕ АД Скопје

17.12.2010

На 1. декември 2010 година, Цементарница УСЈЕ АД Скопје го организираше Првиот Партнерски Форум „Одговорност – Партнерство – Развој“ под покровителство на Глобалниот договор на Обединетите Нации (UN Global Compact), а по повод двегодишнината од вклучувањето на Компанијата во Глобалниот договор.  

Над сто учесници од јавните институции, вклучувајќи го и МЖСПП, Општина Кисела Вода, директорите на основните училишта и градинки во Кисела Вода, Општина Сопиште, месна заедница Усје, меѓународни организации, меѓу кои UNDP, USAID, EBRD и други, универзитетски професори, невладини организации, финансиски институтции, кооперанти, добавувачи, клиенти и бизнис лидери во КОО, ги споделија своите искуства, информации и идеи во врска со општествената одговорност во контекст на развојот на заедницата, тренд на кој секоја година се обрнува сé поголемо внимание во Република Македонија, за што говорат и признанијата кои државата ги доделува на компаниите активни на тој план. 

На Форумот беше презентиран првиот Извештај за корпоративна општествена одговорност и одржлив развој на УСЈЕ за 2009 година, кој ги истакнува сите заложби, определби и најдобри практики на УСЈЕ на планот на корпоративната општествена одговорност.
Истакнати говорници на овој Форум беа Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Марјан Ѓорчев, Претседателот на националното Координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата, Горан Лазаревски, Заменикот на Постојаниот претставник на UNDP, Ен Мари Али, Директорот за Југоисточна Европа на Групацијата ТИТАН, Костантинос Дердемезис, Менаџерот за КОО на Групацијата ТИТАН, Марија Алексиу и Главниот извршен директор на Цементарница УСЈЕ АД Скопје, Антониос Николопулос.

По Пленарната седница следеа две тематски работилници за Здравје и безбедност при работа за кооперантите на УСЈЕ и за Проектот „Партнери на училиштата“ на УСЈЕ со кој се опфатени сите основни училишта и една градинка од Општината Кисела Вода.

Овој прв Форум беше поздравен и признат од сите присутни кои ја изразија својата благодарност за можноста да земат учество, задоволството од информациите и искуствата кои ги споделиле, како и признание за позитивниот пример на УСЈЕ како општествено одговорна компанија и лидер во организирање вакви настани и спојување на сите релевантни засегнати страни.