Стручна конференција „Нови еко бетони за одржлив свет“ – иновативни технологии во градежништвото преку зајакнати партнерства

14.3.2025

Како дел од активностите што Титан Усје ги реализира во рамки на одбележувањето на 70-годишнината од основањето, вчера во соработка со Градежниот факултет – Скопје, ја организиравме конференцијата „Нови ЕКО бетони за одржлив свет“. Настанот обедини водечки експерти од индустријата, академијата и институциите во заедничка дискусија за значењето на иновациите во создавањето на еко-одржливи материјали и перспективите на градежништвото.

„Иновациите и воведувањето на нови технологии се наш врвен приоритет и голем дел од инвестициите се насочени во тој правец. Во последните пет години, компанијата вложи повеќе од 6 милиони евра во дигитализација, решенија базирани на вештачка интелигенција, иновативни технологии и одржливи практики, со што ги редуциравме емисиите на CO₂ за 2.600 тони,“ изјави Константинос Николаоу, главен извршен директор на Титан Усје.

Со дополнителна инвестиција од 20 милиони евра во нови технологии во следните три години, Титан Усје останува посветен на предводење на зелената транзиција во градежништвото. Преку производство и пласирање на нови еко-цементи, компанијата веќе ги намали емисиите на CO₂ за повеќе од 40.000 тони.

Меѓу говорниците на конференцијата беа проф. д-р Горан Марковски, декан на Градежниот факултет во Скопје, проф. д-р Петер Марк од Германија, проф. д-р Снежана Маринковиќ од Универзитетот во Белград - Србија, Христофорос Вулгарис од ТИТАН Цемент СА, Грција, Иван Ангелов од Титан Усје, Џеват Кицара, директор на Институтот за стандардизација на Република Северна Македонија, како и други претставници од индустријата и институциите. Од нивните анализи и дискусии произлегоа следните заклучоци:

  • Градежната индустрија е клучен двигател на економскиот раст. Имплементацијата на решенија базирани на вештачка интелигенција ќе ги подобри процесите и ќе создаде можности за нови одржливи производи.
  • Тесната соработка меѓу науката, индустријата и институциите е од суштинско значење во време на брзи трансформации во сите сектори.
  • Вложувањето заеднички напори од сите засегнати страни е неопходно за постигнување на долгорочна одржливост, подобрување на конкурентноста и поддршка на економскиот раст.

Во насока на интензивирање на соработката помеѓу приватниот сектор и научната јавност, ТИТАН Усје започна соработка со Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ која се реализира преку проектот „Знаење + CO₂ -“ – со знаење и иновативност до помалку CO2. Токму оваа конференција е дел од овој проект, но предвидени се и многу други. Активностите на проектот се одвиваат преку три главни модули: Едукативен модул – организирање курсеви, практикантски програми, теренски посети и поткасти; Модул за истражување и развој – мултидисциплинарни истражувања и отворање на паметна лабораторија и Модул за подигнување на свеста – младински натпревари, годишна изложба и други активности.