Студија за биодиверзитет во вештачките езерца во Цементарница УСЈЕ АД Скопје

28.2.2011

Водени од Политиката на Групацијата ТИТАН за одговорност кон животната средина, Цементарница УСЈЕ АД Скопје, во јуни 2010 година започна со изработка на Студија за биодиверзитетот во вештачки креираните водни акумулации – езера во кругот на фабриката.
Езерата во кругот на фабриката се настанати со собирање на атмосферски и површински води во зони каде што експлоатацијата на лапорец е завршена пред повеќе од 30 години.
Природниот процес на населување со растителни и животински видови, како и порибувањето извршено пред повеќе години од спортските риболовци вработени во УСЈЕ, доведе денес овие водни тела да ги задоволуваат карактеристиките на вештачки езера. Езерата не служат како реципиенти на отпадни води и не се користат во примарниот процес на производство. Нивна главна улога е оплеменување на просторот во кругот на Цементарницата.
Цел на Студијата за биодиверзитет беше да се дефинираат квалитетот на водите и постоечките видови на флора и фауна во езерата и нивната непосредна околина. Деталните истражувања спроведени при изработка на Студијата покажуваат дека во овие езера не се среќаваат загрозени видови на растенија и животни, а активностите во УСЈЕ не влијаат врз природниот процес на еутрофикација – процес на збогатување на водите со нутриенти, кој е карактеристичен за вакви непроточни површински води.
Со цел да се успори процесот на еутрофикација, Студијата предлага мерки за подобрување на квалитетот на водата со кои дирекно се влијае на зачувување на биолошката разновидност во езерата.
Ставот на експертите кои учествуваа во изработка на Студијата е дека иницирањето на ваков проект од страна на индустријата е пионерска активност во нашата држава и претставува потврда за заложбите на Цементарница УСЈЕ АД Скопје за заштита и унапредување на животната средина.