Здравјето и безбедноста при работа се приоритет број еден во ТИТАН Усје. Добрата пракса на компанијата е наградена со највисокото признание во областа – Национална награда за најдобро имплементиран систем за безбедност и здравје при работа во 2024 година. ТИТАН Усје е една од добитничките на оваа награда во категоријата на мали и средни компании, каде што се категоризирани компаниите кои имаат до 250 вработени.
Доделувањето на наградата се одржа на настан во организација на Министерството за економија и труд, Советот за безбедност и здравје при работа и фондацијата „Фридрих Еберт“ во Скопје во рамките на Европската недела за безбедност и здравје при работа, која годинава се одбележува од 21 до 25 октомври. Главна цел на настанот е подигнување на свеста за значењето на безбедноста на работниците и нивното здравје на работните места.
Титан Усје реализира низа активности чија цел е создавање на безбедна и здрава работна средина, а компанијата како членка на Титан Групацијата во континуитет се стреми кон имплементација на најдобрите практики во областа. Во компанијата постојано се врши евалуација и се анализираат сите активности, а преку ваквиот пристап дополнително се намалува можноста за евентуални ризици. Вработените во текот на годината поминуваат обуки за заштита и безбедност при работа, а се преземаат и дополнителни мерки, како постојана едукација, лекарски прегледи за вработените и слично.
На настанот беше презентиран моделот „CMS Контрактор менаџмент систем и дигитализација“ во рамките на панелот „Безбедна и здрава работа во ера на дигитализација – пример на добри практики“.


