ТИТАН УСЈЕ – Пионер во имплементацијата на практики од циркуларната економија во земјава

24.10.2024

Скопје, 22 октомври 2024 –ТИТАН УСЈЕ е меѓу првите во земјава кои активно применуваат циркуларни практики, особено преку копроцесирање на алтернативни горива како оризова лушпа и остатоци од текстилната индустрија. Во периодот од 2020 до 2024 година, околу 5% од топлинската енергија што ја користат печките на УСЈЕ доаѓа од нефосилни горива. Овие практики значително го намалуваат користењето на фосилни горива и придонесуваат кон декарбонизацијата на процесите во производството на цемент.

Ова го истакна Наташа Бакреска, менаџер за животна средина и алтернативни горива на ТИТАН УСЈЕ, на „Националната работилница за консолидација на институционалната рамка за транзиција кон циркуларна економија“,  во организација на Економската комисија за Европа на Обединетите Нации,  која денес се одржа во Скопје. На работилницата беа претставени концепти и бизнис модели на циркуларната економија, успешни примери од нивната имплементација и предизвиците. Со користењето на алтернативни горива како биомаса и текстилни остатоци, ТИТАН УСЈЕ дава пример за тоа како цементната индустрија е интегрирана алка во кружната економија и може да придонесе за значителна декарбонизација и позитивно влијание врз животната средина.

„Подготвени сме да ги ставиме на располагање нашите искуства и експертиза во корист на пошироката индустрија и општество Компанијата успеа да пренасочи од депонирање над 13.000 тони биомаса како оризови лушпи и текстил, пластика, хартија и картон кои не се погодни за рециклирање. Со тоа, УСЈЕ има позитивно влијание врз животната средина со намалување на зависноста од природните ресурси и е безбедно, одржливо решение за проблемот со управување со отпадот,” изјави Бакреска.

УСЈЕ исто така активно работи на производство на нискојаглеродни цементи, при што успеа да намали 2.600 тони CO2 во 2023 година споредено со 2022 година – резултат еквивалентен на отстранување од употреба на 560 автомобили годишно. Компанијата има за цел до 2030 година да го намали процентот на клинкер во цементот од 70% на 63%, задржувајќи го високиот квалитет на производите и придонесувајќи кон целта на ТИТАН Групацијата за нето-нула до 2050 година.

ТИТАН УСЈЕ останува посветена на својата мисија за одржлив развој и активно ја поддржува Северна Македонија во нејзините напори за циркуларна транзиција, истовремено придонесувајќи кон подобрување на квалитетот на животната средина и постигнување на глобалните климатски цели.

На работилницата учествуваа претставници на повеќе министерства, државни и образовни институции и на деловни асоцијации и компании, претставници на странски организации во земјава, како и од Република Бугарија и од Република Ирска. Целта на работилницата беше да се поддржат креаторите на политиките и регулаторите во нивните напори за успешно преминување кон циркуларна економија.