ТИТАН УСЈЕ ги претстави иновативните решенија во примената на вештачката интелигенција на овогодинешниот AI Tech Summit, кој ги собра водечките светски компании и експерти од областа на напредните технологии и вештачката интелигенција. Самитот одржан во Скопје е еден од најзначајните настани на оваа тема во Југоисточна Европа, а на него се собираат технолошки иноватори, истражувачи и бизнис лидери кои ги презентираат најновите достигнувања во примената на вештачката интелигенција во различни индустрии.
Панајотис Маргарис, Директор за дигитални решенија во Групацијата ТИТАН, која управува со 14 фабрики за цемент во Северна и Јужна Америка, Африка, Азија и Југоисточна Европа, ја претстави стратегијата на ТИТАН кон следната генерација оперативен модел преку дигитална трансформација, која групацијата постепено ја спроведува во сите нејзините фабрики за цемент. „Покрај другите придобивки, иновативните технолошки решенија и вештачката интелигенција ни обезбедуваат високо ефикасен модел за користење на обновливи извори на енергија, зелена инфраструктура, практики на кружна економија и дигитална оптимизација, со крајна цел да го декарбонизира производството на цемент. Овој процес е управуван со централизирана експертиза од светска класа, а извршувањето е успешно спроведено од локални тимови експерти. Горди сме што прераснуваме во еден од лидерите во секторот во однос на имплементација на иновативни дигитални решенија со примена на вештачка интелигенција во секојдневното работење“, рече Маргарис.
Во рамките на оваа стратегија на групацијата, тимот на ТИТАН УСЈЕ, во соработка со тимот за дигитализација на групацијата, имплементираше автономен систем за оптимизација на производството во реално време – пионерско решение во цементната индустрија, кое понатаму е воведено во сите цементарници од групата. „Користејќи иновативни технологии и вештачка интелигенција успеавме да ја максимизираме пропусната моќ во производството, а во исто време да ја намалиме потрошувачката на енергија и да го подобриме квалитетот на финалниот производ. Конечно, постигнавме значително намалување на емисиите на CO₂, што е стратешка определба на нашата групација“, изјави Дејан Величковски, Менаџер за дигитализација, ИТ инфраструктура и безбедност во ТИТАН УСЈЕ.
Со учеството на овој значаен настан, ТИТАН УСЈЕ уште еднаш ја потврди својата посветеност на иновациите, ефикасноста и одржливоста, користејќи ги најсовремените технологии за подобрување на производните процеси и намалување на влијанието врз животната средина.
На самитот присуствуваа претставници на гиганти како Google, Microsoft, Amazon, NVIDIA, Netflix, како и голем број регионални и светски технолошки компании. Нивните презентации го истакнаа огромниот потенцијал на вештачката интелигенција да трансформира различни сектори како што се ИТ, финансиите, здравството, производството, забавата и многу други. Самитот за технологија за вештачка интелигенција е важна платформа за регионално вмрежување и соработка меѓу професионалците во индустријата, истовремено создавајќи простор за дискусии за иднината на вештачката интелигенција и нејзиното влијание врз глобалната економија.