УСЈЕ по третпат ја поддржа националната акција „Македонија без отпад 2014“

21.10.2014

На 18. октомври 2014 г., во речиси сите општини низ државата беше реализирана третата национална кампања „Македонија без отпад 2014“. Целта на кампањата е да поттикне граѓански активизам и волонтаризам, како и да ја развие свеста и навиките кај сите граѓани за правилното управување со отпадот. Главниот акцент е ставен на собирање и правилно одложување на отпадот на одредени локации. Акцијата е дел од националната кампања која се состои од активности за чистење на отпадот, едукација и промоција. Со оваа акција граѓаните на Република Македонија се вклучуваат во глобалната акција „Lets'do it! World 2014“, која е и официјално поддржана од Европскиот Парламент, а оваа година ќе се одвива во 107 земји.

УСЈЕ ја поддржа оваа акција преку пружање активна помош на организаторите на акцијата, невладината организација „Ајде Македонија“ како и Општината Кисела Вода, преку обезбедување на механизација потребна за собирање, утовар и одложување на отпадот, сендвичи и вода за 250 учесници, превоз и други услуги.

Промовирајќи го концептот на корпоративно волонтирање и водејќи се од својата посветеност на грижата за животната средина, Цементарница Усје со своите вработени со задоволство пристапи на оваа иницијатива. Одвоивме дел од викендот, ги засукавме ракавите и се фативме за работа. Повеќе од 20 вработени на УСЈЕ, вклучувајќи дел од менаџментот, волонтираа на територијата на општина Кисела Вода.

Поддршка на акцијата „Ајде Македонија!“ соодветствува на нашите стратешки иницијативи за заштита на животната средина во рамки на општествената одговорност на претпријатието. Дополнително со ваквите акции, Цементарница Усје, со доброволно учество на своите вработени, придонесесува за подобрување на здравјето на граѓаните од соседството.