Цементарница Усје АД по четврти пат дел од глобалната акција „Час на планетата земја“

29.3.2012

Цементарница Усје АД Скопје ќе ги исклучи своите мелници за цемент со што ќе се приклучи кон глобалната акција „Час на планетата земја“. Мелниците на компанијата ќе останат еден час без напојувањето со електрична енергија во периодот од 20:30 до 21:30 часот, на 31 март годинава, кога во целиот свет поддржувачите и учесниците во оваа глобална акција ќе го сторат истото.

Со исклучување на мелниците за цемент Цементарница Усје АД ќе заштеди 10 MW/h електрична енергија, со што може да се покрие вкупната потрошувачката на над 3000 домаќинства во Скопје. Истовремено, компанијата ќе го исклучи и напојувањето со електрична енергија и во останатите погони, каде што тоа го дозволуваат безбедносните мерки за заштита при работа.

„Како општествено одговорна компанија Цементарница Усје АД прави напори за подобрување на животната средина и заштита на околината преку своето делување. Оваа наша одлука за приклучување кон глобалната акција „Час на планетата земја“ јасно ја потврдува нашата определба за активно вклучување за подобра иднина. И во следниот период ќе продолжиме да го даваме својот придонес за заштита на животната средина“, истакна Борис Хрисафов, генерален извршен директор на Цементарница Усје АД.

Цементанрица Усје АД веќе четврта година по ред е дел од оваа глобална акција која ја доби поддршката на стотици милиони луѓе, компании и организации во 5.200 различни градови од 135 земји ширум светот, со што прерасна во најголемиот настан за заштита на животната средина.

Од декември 2008, Цементарница Усје АД е локален член на Глобал Компакт договорот на Обединетите Нации (ОН). Со потпишување на овој договор, Цементарница Усје АД ги прифати десетте принципи на добро корпоративно управување, меѓу кои е и заштитата на животната средина.