Цементарница УСЈЕ АД Скопје учествуваше на национална-консултативна средба за трендовите и перспективите на граѓанскиот сектор

17.3.2010

Цементарница УСЈЕ АД Скопје учествуваше на национална-консултативна средба за трендовите и перспективите на граѓанскиот сектор и неговата улога во промовирањето на одржливиот развој во урбаните средини во Македонија

17.03.2010,Скопје - Заедничка соработка меѓу институциите, бизнис секторот, невладиниот сектор и сите други инволвирани страни во насока на решавање на проблемите со животната средина беше главната цел на еднодневната Национално–консултативна средба организирана од Регионалниот центар за заштита на животната средина. Средбата на тема „Трендовите и перспективите на граѓанскиот сектор и неговата улога во промовирањето на одржливиот развој во урбаните средини во Македонија“ ја отвори Министерот за животна средина и просторно планирање д-р Неџати Јакупи, кој ја потенцираше важноста на невладиниот сектор во напорите за зачувување на животната средина.

Презентирајќи ги нашите искуства и придонес во насока на одржлив развој, главниот извршен директор на Цементарница УСЈЕ АД Скопје, Антониос Николопулос зборуваше за досегашната успешна соработка со невладините организации и локалните власти во полето на заштита на животна средина и образованието.

„Должност на секој член на заедницата е да се грижи и да ја унапредува животната средина, независно дали се работи за компанија, домаќинство или институција. За нас во Групацијата Титан и во Цементарница УСЈЕ АД Скопје, грижата и унапредувањето на животната средина е дел од нашите врвни приоритети и секојдневни заложби. За нас принципот за одржлив развој значи дека ние соработуваме со сите инволвирани страни и партнери со една заедничка цел - чиста и здрава животна средина, бидејќи тоа им го должиме на идните генерации“, истакна Николопулос во своето излагање.

УСЈЕ традиционално поддржува проекти за зачувување на животната средина во соработка со локалните власти и невладиниот сектор. Секоја година компанијата организира акции за хортикултурно уредување на основните училишта и градинките во општина Кисела Вода. Исто така,  УСЈЕ активно учествува во акцијата „Денот на дрвото“, а редовно го збогатува фондот на садници во кругот на компанијата и на неколку други локации во општината.