03.12.2008, Скопје - Цементарница УСЈЕ АД, му се приклучи на Глобалниот договор на Обединетите нации (ОН). Со приклучувањето кон Глобалниот договор Цементарница УСЈЕ АД ги прифати десетте принципи за добро корпоративно управување, што се основа на овој Договор и се обврза дека ќе ги применува во Р. Македонија. Тие се однесуваат на почитување на човековите права, почитување на правата за слобода на здружување и признавање на правото за колективно преговарање, почитување на правата на работниците и елиминирање на користењето на детската работна сила, елиминација на дискриминацијата на вработувањето и професијата, почитување и унапредување на животната средина и елиминација на сите видови на мито и корупција. Цементарница УСЈЕ АД е дел од групацијата Титан, која е член на Глобалниот договор на ОН уште од 2002 година.
„Помина времето кога на компаниите им беше важно само добро да работат и да ги наградат своите акционери. Денес се вреднуваат и многу други работи, покрај успехот во бизнисот, а тоа се создавање на добра клима за работа, почитување на вработените, спречување на митото и корупцијата во сопствените редови, грижа за животната средина и за заедницата. Глобалниот договор на ОН е потврда за нашата компанија дека не само што е успешна компанија, туку е и корисен и одговорен член на задницата кој промовира и практикува вистински вредности на сите полиња. И понатаму ќе продолжиме да работиме во духот на доброто корпоративно управување, ќе ја унапредуваме заедницата и ќе бидеме лојален и конструктивен партнер“, изјави Антони Николопулос, Главен извршен директор во Цементарница УСЈЕ АД.
Глобалниот договор на ОН е идеја на поранешниот генерален секретар на ООН Кофи Анан, која тој ја промовираше на Економскиот форум во Давос во 1999 година и практично значи приближување на принципите на бизнис заедницата со оние на ОН. Во светот десетте принципи на Глобалниот договор ги имаат прифатено илјадници компании, меѓу кои и најмоќните во светот. Во Македонија Глобалниот договор на ОН како принцип на делување досега го прифатија 54 компании.