Цементарница УСЈЕ во акцијата “Македонија без отпад 2012”

21.4.2012

На 21 Април 2012 год. , во пресрет на Денот на планетата Земја, Цементарница УСЈЕ активно се приклучи кон Акцијата за расчистување на отпадот „Македонија без отпад 2012“, со која Македонија се вклучува во светската акција за чистење на отпадот Let's Do It! World 2012.

Светската акција „World cleanup 2012“ се одржува во периодот од март до септември во повеќе од 100 земји низ светот. Во глобални рамки, ќе бидат исчистени тони на нелегално оставен отпад. Македонија е дел од оваа приказна. Во пресрет на Денот на планетата Земја, на 21 април 2012 се одржа пролетна акција во општините Кисела Вода, Дојран, Струга и Сарај, а на 22 април во општина Липково. Овие пилот-акции се почеток на кампањата за расчистување на дивите депонии „Македонија без отпад 2012“, со која Македонија се вклучува во светската акција за чистење на отпадот Let's Do It! World 2012.

 Промовирајќи го концептот на корпоративно волонтирање и водејќи се од својата посветеност на грижата за животната средина, Цементарница Усје со своите вработени со задоволство пристапи на оваа иницијатива. Одвоивме дел од викендот, ги засукавме ракавите и се фативме за работа. Повеќе од 40 вработени на УСЈЕ, вклучувајќи дел од менаџментот, волонтираа на територијата на општина Кисела Вода на три локации: населбата Расадник; ул. „Борис Трајковски“; и целото окружување на фабриката. Отпадот од депониите се собираше и селектираше во вреќи со различни бои, со цел да се олесни неговото издвојување, транспорт и рециклирање.

Поддршка на акцијата „Ајде Македонија!“ соодветствува на нашите стратешки иницијативи за заштита на животната средина во рамки на општествената одговорност на претпријатието. Дополнително со ваквите акции, Цементарница Усје, со доброволно учество на своите вработени, придонесесува за подобрување на здравјето на граѓаните од соседството.