Цементарница УСЈЕ ги додели наградите на студентите од Архитектонскиот факултет

02.2.2018

Цементарница УСЈЕ ги додели наградите по Конкурсот за најдобри архитектонски решенија за обнова на фасадите на силосите на компанијата, објавен за студентите од Архитектонскиот факултет, Скопје. Нагредени се вкупно четири најдобри проекти избрани од страна на комисијата составена од претставници на Архитектонскиот факултет и Цементарница Усје.

Вкупниот награден фонд изнесуваше 74 илјади денари и секое од избраните решенија беше наградено со по 15 илјади денари. Сите учесници добија симболична награда за учество во конкурсот.

Задачата на конкурсот објавен од страна на Цементарница УСЈЕ и Архитектонскиот факултет од Скопје беше студентите да изработат архитектонски решенија за обнова на фасадните површини на објектитe на силосите преку предлози за површинска обработка, колоритно решение и ноќно осветлување.

Како општествено одговорна компанија УСЈЕ, покрај континуираното модернизирање на технологијата и процедурите за производство, го иницира овој конкурс за обнова на фасадните површини со цел тие уште подобро да се вклопат во нивното непосредно опкружување.

„Им честитаме на студентите и на Архитектонскиот факултет за енергијата, за квалитетот и иновативноста на решенијата. Тие очигледно ја препознаа нашата визија за примена на најмодерни пристапи, која УСЈЕ ја следи и во своето производство и во односот кон заедницата, промовирајќи ги највисоките стандарди во заштитата и грижата за животната средина. Верувам дека ќе имаме нови можности за соработка во користењето на овие идејни решенија и во идни нови проекти“, истакна главниот извршен директор на УСЈЕ Борис Хрисафов, на свеченото доделување на наградите.

Цементарница УСЈЕ континуирано се залага за тесна соработка со заедницата и со образовните институции во сите проекти што тоа го дозволуваат. За тоа говорат не само бројните досегашни проекти, туку и признанијата што компанијата ги добива за својата општествена одговорност на национално и локално ниво.

„Оваа соработка со УСЈЕ е навистина исклучителен пример, кој треба да се промовира и следи. Ваквите проекти докажуваат дека успешните заеднички проекти на реалниот сектор и образованието не само што се можни, туку и обезбедуваат висок бенефит за двете страни – индустријата добива контакт со свежите идеи на иднината, а студентите можност да работат на реална основа и така да стекнат драгоцено искуство уште во текот на образовниот процес“, рече проф. д-р Огнен Марина, декан на Архитектонскиот факултет во Скопје.

Цементарница УСЈЕ, покрај тоа што ги награди, ги откупи 4-те избрани решенија за во иднина да подготви проектно решение за реализирање на обновувањето на фасадите на силосите на компанијата, што ќе отвори нови можности за соработка со образовните институции и студентите.