Цементарница УСЈЕ доби Награда за унапредување на човековите права во бизнисот

11.12.2019

Цементарница УСЈЕ доби Награда за унапредување на човековите права во бизнисот

Цементарница УСЈЕ АД Скопје доби Награда за посветеност на унапредувањето на човековите права во бизнисот. 
Оваа награда се доделува во рамки на проектот „Поттикнување на принципите на бизнис и човекови права“, финансиран од Делегацијата на Европската Унија во земјава, а спроведуван од невладината и непрофитна организација Конект, во партнерство со Бизнис Конфедерацијата и во соработка со „Мрежата на Глобалниот договор на Обединетите Нации. 
Наградата претставува признание за позитивните практики на Цементарница УСЈЕ во унапредувањето на човековите права во самата компанија и во нејзиното деловно окружување.

Проектот оценува дека Цементарница УСЈЕ е посветена на почитување на човековите права во сите области на нејзиното делување – кон вработените, партнерите и пошироката заедница. Покрај другото, се истакнува дека компанијата применува мерки за заштита на животната средина, не само оние предвидени со Закон, туку и дополнителни добри практики.
Воведувајќи ја оваа награда, која се доделува за првпат во нашата земја, а ја добија вкупно седум компании, Проектот има за цел да ги истакне позитивните примери и со тоа да ја поттикне и промовира посветеноста на домашните компании за континуирано унапредување на човековите права преку нивните политики, оперативните практики и комуникацијата.

Проектот особено е посветен на мисијата компаниите своите практики да ги усогласуваат со „Водечките принципи за бизнис и човекови права на ОН“ и со „Целите за одржлив развој“.
Инаку, Цементарница УСЈЕ од 2008 година, меѓу првите во државата, е потписничка и членка на „Глобалниот договор на Обединетите Нации“ кој ја обврзува да ги почитува принципите на општествено одговорно делување во областите на човековите и работничките права, заштитата на животната средина, антикорупциското делување и корпoративното управување и лидерство.