Цементарница УСЈЕ на двете производствени линии има инсталирано современи филтри за пречистување на излезните гасови. Процесот на производство е така дизајниран, што не дозволува линиите да работат без да работат филтрите, а сите излезни гасови што доаѓаат од печките, сушилниците и од мелниците за суровинско брашно, пред да се испуштат во атмосферата се пречистуваат во овие вреќести филтри. Филтрите инсталирани во Цементарница Усје се производството на “Scheuch” – Австрија и “Redecam” – Италија, соодветно за секоја линија.
Филтрите работат на принцип на извлекување на издувните гасови со помош на притисок (вакуум), што значи дека целиот систем е затворен, а главниот вентилатор што ги влече гасовите е после филтерот. Излезните гасови заедно со прашината влегуваат во долната комора на филтерот и минуваат низ вреќите. Исчистениот воздух поминува во горната комора во филтерот (т.н. „чиста комора“). Прашината се задржува на надворешната површина на вреќите, кои се изработени од специјален материјал (ткаенина) што може да издржи високи температура на излезните гасови. Чистењето на вреќите се прави така што во претходно одредени временски интервали, во дел од секунда, се инјектира воздух под висок притисок за да се оттргне (истресе) материјалот од надворешната површина на вреќите. Материјалот паѓа во долниот дел од филтерот („валкана комора“) и со помош на полжавест транспортер се враќа назад во силосите. Филтерот е поделен на повеќе комори што овозможува лесно отстранување евентуални дефекти без исклучување на целиот филтер. Според начинот на работа и спецификациите на производителот, вреќите се одржуваат, се проверуваат и се заменуваат во предложени интервали.
Целокупната работа на филтерот автоматски се контролира од софтверот за процеси (CEMAT) и се следи од операторите во контролната просторија.
Ова е најновата генерација филтри за цементната индустрија. Овој тип филтри и нивниот начин на работа се наведени во Референтниот документ за најдобри достапни техники (БДТ) за производство на цемент, кои се во согласност со европските директиви и со националното законодавство.