Соочени со ограничената достапност на конвенционалните горива и суровини и неизвесноста што ја носи иднината во тој поглед, современите општества се во потрага по одржливи решенија за употребата и зачувувањето на природните ресурси, истовремено минимизирајќи го влијанието врз животната средина. Стремејќи се кон таа цел, особено ценети се практиките со кои отпадните материи од една индустрија или активност стануваат суровини или извори на енергија за друга.
Производството на цемент во глобални рамки е препознаено како индустрија што обезбедува солидни решенија и одржливи практики за повторната употреба, обновување и рециклирање, како и трансформирање на отпадот во ресурс, што е во согласност со принципите на циркуларната економија.
Како дел од Групацијата ТИТАН, Цементарница УСЈЕ е посветена на промовирање ефикасни практики, кои се во согласност со концептот на циркуларна економија, чие значење се отсликува во нашата Политика за животна средина. Конкретно, Цементарница УСЈЕ употребува неколку ефикасни практики, кои се во согласност со принципите на циркуларната економија, и тоа:
- Намалување на соодносот на клинкер и цемент, притоа одржувајќи го квалитетот на финалните производи;
- Повторна употреба и рециклирање на дрво од пакувањето на финалните производи (УСЈЕ е овластен управувач со дрвен отпад од пакување);
- Сепарација на отпадот на повеќе од 20 фракции и предавање на овластените постапувачи со отпад, со што на други компании им се овозможува да ги користат тие фракции како секундарни суровини;
- Употреба на алтернативни горива како енергенти во производството на цемент, какви што се RDF/SRF и отпадна биомаса од земјоделството;
- Употреба на алтернативни суровини во процесот на производство на клинкер и цемент.
Овие активности се препознаваат како еколошки одговорен начин за намалување на емисиите на јаглерод и како активен придонес на Цементарница УСЈЕ кон подоброто управување со отпадот во земјата.