Со Проектот за партнерство со училиштата, чија реализација почна во 2010 година, Цементарница УСЈЕ ја остварува својата трајна заложба за поддршка на локалната заедница преку соработка и креирање долгорочни партнерства со локалните институции. Конкретно, преку оваа Програма, компанијата инвестира во подобрување на условите поврзани со здравјето и безбедноста на учениците и наставниците, како и унапредување на животната средина во основните училишта и градинките во oпштината Кисела Вода.
Во текот на изминатите години, Цементарница УСЈЕ вложи значителни финансиски средства и други ресурси во реконструкција на фасадите и покривите на училиштата во општината Кисела Вода, со што се подобри нивната енергетска ефикасност и условите за престој и работа во нив, а слични зафати се направени и во сите објекти на двете јавни детски градинки во општината. Дополнително, заедно со персоналот и учениците во овие образовни институции беа организирани и акции за засадување дрвја и хортикултурно уредување на нивните дворови.
Дополнително, беа донирани и градежни материјали за да се помогне во изградбата на сензорна градина за учениците од скопското училиште за лица со оштетен вид „Димитар Влахов“ во општината Кисела Вода, со што беше овозможено учениците во ова училиште да ги развијат сите свои сетила, а во проектот е опфатено и специјалното училиште „Златан Сремец“ кое сенаоѓа на територија на општината.