Поддршка и охрабрување на младите

Како активен партнер на заедницата, Цементарница УСЈЕ континуирано иницира, спроведува и поддржува различни проекти поврзани со развојот на младите. Главниот фокус во овој сегмент е ставен на унапредување на процесот на едукација на младите луѓе, подобрување на нивните вештини и стекнување практично искуство.
Главна цел на ваквите активности, кои се спроведуваат во соработка со образовните институции и со други субјекти од заедницата, е да се даде придонес кон создавањето и подобрувањето на перформансите на професионалниот кадар на сите нивоа и да им се помогне на младите луѓе да ги унапредат своите знаења и вештини. Компанијата ја остварува оваа цел преку реализација на неколку долгорочни програми, какви што се:

ПРОГРАМА ЗА ПРАКТИКАНТСКА РАБОТА

Во насока на создавање стручен и квалификуван кадар уште во фазата на едукација, УСЈЕ го поддржа проектот Македонија 20-20-20 за создавање специјална паралелка во Средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“ од Скопје. Во рамките на овој проект, учениците што се дел од него ќе добијат стручни и квалификувани знаења, во согласност со потребите на компанијата. Целта на ваквиот пристап е учениците да стекнат конкретни знаења и вештини, според потребите на реалниот сектор. Учениците во текот на својата едукација работат во посебно опремена училница, а имаат и практична работа во компанијата, под менторство на стручни лица од УСЈЕ. По завршување на образованието, тие ќе добијат можност да се вработат во УСЈЕ или во една од компаниите во земјава кои го поддржуваат проектот и кои имаат потреба од стручен кадар. Проектот Македонија 20-20-20 на учениците што се определуваат за стручно образование им овозможува сигурна работа, а истовремено преставува успешен спој помеѓу реалните потреби на бизнис-секторот и едукативниот систем во земјата. Со поддршката на овој проект, УСЈЕ дава конкретна поддршка во развојот на дуалното образование, чија главна цел е директна вклученост на компаниите во обезбедување практични знаења и вештини за учениците во текот на нивното образование. На тој начин се дава поддршка на реформите во образованието, во насока на развој на пазарот на труд и креирање кадри според потребите на реалниот сектор. На учениците им се овозможува веднаш по завршување на образованието, да најдат работа според своите квалификации.

ПРОГРАМА ЗА СОРАБОТКА СО АРХИТЕКТОНСКИОТ ФАКУЛТЕТ ПРИ УНИВЕРЗИТЕТОТ „СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ ОД СКОПЈЕ

Унапредувањето на соработката и поттикнувањето нови креативни идеи кај младите е заложба на УСЈЕ како општествено одговорна компанија. УСЈЕ во континуитет поддржува разновидни проекти, чија цел е развој на таленти и поддршка во едукативниот процес на младите, преку соработка со едукативните институции во земјата. Поаѓајќи од тоа, УСЈЕ почна заеднички проект со Архитектонскиот факултет од Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во чии рамки беше организиран конкурс за најдобри архитектонски решенија за обнова на фасадите на силосите на компанијата. Проектот беше развиен во УСЈЕ, со тесна соработка со претставниците на факултетот, со намера да им се овозможи на студентите што повеќе да работат на проекти што ќе имаат конкретна примена во реалниот сектор. Беа избрани два најдобри проекта од комисијата составена од претставници на Архитектонскиот факултет и на Цементарница УСЈЕ. Под менторство на менаџерскиот тим од нашата компанија и професорите од факултетот, студентите ги менуваа и ги комбинираа двете решенија, сѐ до финализирање на проектот. Реконструкцијата на силосите според финалниот проект што го изработија студентите беше спроведена во текот на 2019 година. Овој проект отвори можност студентите да ги покажат своите знаења и експертиза во практика и да го збогатат своето практично искуство и знаење. Со овие проекти, Цементарница УСЈЕ придонесува за подигнување на нивото на квалитетно образование и раст на општеството што ја зајакнува улогата на младите во земјата преку имплементација на нивните идеи.

ПРОГРАМА ЗА ЦЕЛОСНИ СТИПЕНДИИ ЗА ПОСТДИПЛОМСКИ СТУДИИ НА АМЕРИКАН КОЛЕЏОТ ВО СКОПЈЕ

Поддршка на развојот на човечкиот капитал и потенцијалот на младите лидери кои се определиле за перманентна едукација е една од главните определби на УСЈЕ. Во насока на исполнување на оваа наша определба, компанијата во соработка со Универзитетот Американ колеџ од Скопје доделува целосни стипендии за постдипломски студии за Факултетот за деловна економија и организациски науки.