Нашата историја

НАШЕТО УСПЕШНО ПАТУВАЊЕ НИЗ ЦЕМЕНТНАТА ИНДУСТРИЈА ЗАПОЧНУВА ВО 1955 ГОДИНА.

Почетокот на приказната на Цементарница УСЈЕ е тесно поврзан со идејата и потребата за
индустријализација на Скопје, како и искористувањето на изобилството од лапорец во близината на
градот. Во јули 1951 година Владата на Народна Република Македонија ја носи одлуката за
формирање претпријатие - фабрика за цемент УСЈЕ.

Потребата од фабрика за цемент, надополнета со ентузијазмот за изградба и со погодните услови
во околината на селото Усје каде што е лоцирана фабриката, се покажаа како одлична почва за
една успешна приказна што трае со децении. Секогаш со издржана стратегија и со јасно зацртана
цел, УСЈЕ испишува историја што ја одбележаа следниве најзначајни датуми:

1955

Пуштена е во употреба првата ротирачка печка и оттогаш започнува непрекинатиот
процес на производство.

1963

По катастрофалниот земјотрес во 1963 година, потребата од изградба на „ново“
Скопје го исправаат УСЈЕ пред предизвикот да одговори на зголемената побарувачка
на цемент, со тоа што се наметна потреба за пуштање во употреба трета и четврта
печка.

1967

Пуштена е во употреба ротирачка печка со предгрејач „Допол“ по сува постапка,
напредна технологија во тоа време. Во тој период оваа печка беше со најголем
капацитет во Југославија.
Паралелно со зголемување на производството на клинкер, беше инсталиран и нов
мелнички капацитет: мелницата за цемент број 4.

1972

Пуштена е во работа четвртата печка.
Mелницата за цемент број 5 исто така беше инсталирана оваа година.

1974-1975

Инсталирано е автоматско водење на процесот на производство на суровинско
брашно, најсовремен систем за контрола на квалитетот. Со воведувањето на овој
систем, УСЈЕ се позиционираше како предводник на автоматизацијата на
производството во регионот.

1976-1978

Поради непостојаноста на квалитетот на лапорецот (една од најважните суровини во
производството на цемент), изграден и отворен е рудникот за варовник во Говрлево.
Варијациите во квалитетот на лапорецот бараа вклучување корективна компонента –
варовник, со што се овозможи воедначување на квалитетот на финалниот производ
– цементот.
Во 1978 година почна производството на хидрауличното врзивно средство „усјемал“.

1979-1981

За да се задоволи капацитетот на 2.600 t/ден клинкер, беа направени нови неопходни
инвестиции: зголемување на капацитетот на дробиличната постројка, изградба на
транспортна лента до халата за лапорец, набавка на механизација за експлоатација
на лапорецот, замена на транспортерот за клинкер од фулер ладилникот до халата за
клинкер – од транспорт со синџири и гумена лента, во челичен транспортер и
инсталирање на мелницата број 6.

1984-1985

Како енергетски неефикасни се изгаснаа ротирачките печки број 1 и 2.

1988-1989

Направена е инвестиција за производство на мелен антрацит, во соработка со
„Далмација цемент“ од Сплит и со „Рударски институт Белград“, кој во УСЈЕ се
користеше како гориво во периодот од 1991 до 1998 година.

1990

Цементарница УСЈЕ, прва на просторот на поранешна Југославија, ги инсталираше
модерните електростатски филтри на ладилниците за клинкер од швајцарско
производство, кои ги заменија мултициклоните за отпрашување. Со тоа беа
отстранети најкритичните точки од процесот кога е во прашање заштитата на
воздухот и на машините.

1991-1993

За да се сочува квалитетот на произведениот клинкер, а истовремено да се избегне
секундарна емисија за прашина, изградени се силоси со капацитет од 50.000 тони,
први од ваков вид во целиот регион.

1994

Се изгради и почна со работа нова фабрика за производство на ЕПС изолациски
материјал, кој почна да се продава на пазарот под заштитеното име „Усјепор“.

1998

Завршен е процесот на трансформација на УСЈЕ во акционерско друштво, а
Групацијата ТИТАН и Holderbank (Holcim) испраќаат заедничка понуда за
инвестирање. Влезот на „Holderbank“ (Holcim) и на Групацијата ТИТАН во
Цементарница УСЈЕ се случи во септември 1998 година. Со тоа беше
официјализирана дотогаш најголемата странска инвестиција во нашата земја.
Подоцна Holderbank (Holcim) својот пакет го продава на ТИТАН и оваа групација
останува единствениот сопственик на мнозинскиот пакет акции во Цементарница
УСЈЕ.

2000-2003

Континуираниот раст на Цементарница УСЈЕ резултираше со старт на фабриката за
производство на готов бетон.
Извршена е замена на старите електростатски филтри со нови вреќести филтри на
линиите 3 и 4. Со новите современи вреќести филтри беше подобрена ефикасноста на
отпрашување (~99%), со што денешните емисии не изнесуваат повеќе од 10mg/Nm3
од дозволените 30mg/Nm3.
Беше инсталирана и пуштена во употреба новата вертикална мелница за цврсто
гориво, произведена од реномираната светска компанија „Loesche“.
По долготрајни подготовки, дополнителни вложувања во опрема, какви што се
силоси, нови ваги за дозирање, систем за транспорт и отпрашување, УСЈЕ од
средината на 2003 година почна со употреба на летечка пепел како минерална
компонента во цементот. Со тоа компанијата значително придонесува во заштитата
на животната средина, преку намалување на употребата на природни минерални
суровини и намалување на количините депонирана пепел во Пелагонискиот регион
каде што е лоцирана депонијата за пепел на РЕК „Битола“.

2004-2008

Сертификација со систем за квалитет ISO 9001:2000.
Сертификација со систем за управување со животната средина ISO 14001:2004.
Инсталиран систем за независно 24-часовно континуирано мерење емисии.
УСЈЕ станува член на мрежата на Глобалниот договор на ОН.

2009

За првпат во земјата и во регионот, УСЈЕ почнува со континуирано јавно објавување
на податоците од мерењата на емисиите на својата веб страница.
Формиран е Одбор за општествена одговорност.
Во согласност со трајната определба за општествено одговорно делување во сите
сегменти и високо ниво на безбедност на своите производи, компанијата вложи
околу 700.000 евра во опрема и во технологија за редукција на шествалентен хром,
растворлив во вода.

2010

УСЈЕ го објавува првиот извештај за Корпоративна општествена одговорност и
одржлив развој, кој истовремено е објавен и на веб страницата на Глобалниот
договор на ОН.
Организиран е првиот Форум за вклучување засегнати страни.
Воспоставен е систем за безбедност и здравје за управување со изведувачи.

2011

Сертификација со систем за управување со безбедност и здравје OHSAS 18001-2007.
Министерството за животна средина и просторно планирање на Цементарница УСЈЕ ѝ
издаде А еколошка дозвола за усогласување со оперативен план.
УСЈЕ добива национална награда за најдобри општествено одговорни практики во
категоријата Животна средина и три плакети.
Организиран е првиот Отворен ден на компанијата со повеќе од 900 посетители.

2012

Воведен е Е-налог, кој обезбедува електронски услуги за купувачите.
Повеќе од 40 силоси и слична опрема за складирање непакуван цемент бесплатно се
обезбедуваат за купувачите. Се обезбедува постојана техничка поддршка за
потрошувачите во однос на нивната опрема и рецептури.

2013

Пуштена е во употреба првата пречистителна станица за третман на атмосферски и
водите од миењето на улиците, а атмосферските води се одделени од фекалните
води.
Цементарница УСЈЕ е добитник на Националната награда за задоволство на
купувачите 2013.

2014

Извештајот за корпоративна општествена одговорност и одржлив развој е
верификуван од независна компанија за верификација.
Инвестиција во опрема за намалување на NОx. во вредност од еден милион евра.
Поставени се внатрешни лимити за максимално дозволени концентрации од
600mg/Nm3 наспроти законските 800 mg/Nm3.

2015

Одбележан е јубилејот 60 години од основањето на Цементарница УСЈЕ.

2016

Воведена е ТИТАН платформа за лидерство и почнат е проектот „ЕУ пакт за млади“.

2018

УСЈЕ воведува алтернативни горива во оперативниот процес.
Донесен е правилник за заштита на лицата што пријавуваат незаконско или
несоодветно однесување.
Воведен е интегриран систем за управување со квалитет и животна средина.

2019

УСЈЕ е добитник на наградата „Предводник на целите за одржлив развој 2019“.
УСЈЕ ја добива наградата за унапредување на човековите права во бизнисот.

2020

УСЈЕ воведува мобилна апликација (TITANUp) за своите купувачи.
УСЈЕ добива А-Интегрирана еколошка дозвола A-IPPC.